Четвртиот меч на домашен терен во втората АБА-лига ја донесе и четвртата победа на МЗТ Скопје Аеродром. Надигран е Сплит со 104:87. Ова е втор меч по ред во кој МЗТ дава над 100 поени, но на претходниот играа и дополнителни пет минути, а сега за 40 минути го изрешетаа кошот на некогашниот европски првак.
Во првите десет минути, играчите како да сакаа да си ги испитаат силите, па немаше многу залагање во одбрана и доминираа нападите. И втората четвртина беше ефикасна, најпрвин гостите создадоа предност од девет поени, а потоа МЗТ ја стопи негативата. Во последната секунда од првото полувреме, Вудард ја крена публиката на нозе откако погоди тројка за 51-48, откако прифати едно долго додавање од Медфорд од под кошот на другата страна на теренот.
Повредата на Иванов значеше дека на позицијата крилен центар кај МЗТ поголема минутажа ќе добие Маслинко. МЗТ добро тргна во третиот период и направи позитива од 12 разлика, но гостите се вратија со серија од осум поени. Сепак, финишот на третиот квартал повторно беше во знак на МЗТ и во последните десет минути се влезе со 80-70.
Домашните со ефикасен напад го контролираа водството во последната четвртина, па успеаја да дојдат до посакуваната победа, која беше зачинета со троцифрен број на поени.