Романските фудбалери се многу загрижени за својата иднина, но ќе сториме сè за да ги заштитиме, вели претседателот на Синдикатот на фудбалери, Емилијан Хулубеј.
Поголемиот дел од прволигашите најавија драстични мерки и кратење на платите на своите фудбалери, а контроверзниот Џиџи Бекали, кој е прв човек на Стеауа, почна и да продава фудбалери за спас од кризата.
„Добивам по 100 повици на ден од загрижени фудбалери. Се плашат за својата судбина, за платите што според договорот, клубовите треба да им ги исплаќаат. Но, има и раководни луѓе од клубовите што се жалат. Ќе имаат проблеми со пари за плати, но и за да ги платат трошоците за лиценци. Ќе мораме да најдеме решение што нема да оштети ниту една страна“, вели Хулубеј.
Првиот човек на Синдикатот на фудбалери во Романија (АФАН) додава дека сега здравјето е најважно и дека кризата ќе мине, но челниците на најсилните романски клубови веќе размислуваат и за продажба на најдобрите играчи за да се спасат од банкрот.