Лионел Меси има комплетна поддршка од соиграчите во преговорите со челниците на Барселона и првиот налет за евентуално намалување на платите на фудбалерите беше одбиено.
Барселона, според проценките, има загуби што се мерат во стотици милиони евра, а за плати треба да исплати уште неколку стотици милиони, па раководството се обидува да изнуди согласност од фудбалерите да прифатат намалување на примањата во месеците во кои не се игра фудбал.
Сепак, Лионел Меси има цврст став дека тоа е невозможно, а зад себе ги има и соиграчите, па преговорите тешко одат.
Шпанската „Марка“ објави дека само за плати за фудбалерите Барселона ќе има трошок од 600 милиони евра, а за да ги плати и останатите вработени во клубот плус 40 милиони евра.
Проблемот е јасен, не се играат натпревари, нема продажба на билети, пари од ТВ-права, маркетинг, влезници, а не работи ниту трофејниот музеј, ниту функционираат туристичките тури на „Камп ноу“.
Дури и набрзо да продолжат првенството во Шпанија и Лигата на шампионите, извесно е дека сезоната би се доиграла без присуство на публика, што ќе донесе помалку пари во касата на шпанскиот гигант.