Дејан Кулушевски и уште неколку помлади играчи ќе бидат новиот свеж бран во Јувентус од идната сезона, а најавено е дека Старата дама ќе се ослободи од десеттина фудбалери за да ги намали трошоците и загубите што ги предизвика епидемијата со Коронавирусот.
Акциите на Старата дама се речиси преполовени, па ќе мора да се раздели со дел од скапите фудбалери. Можно е да си замине и Кристијано Роналдо, чија плата е огромна, иако сè уште не е докрај дефинирано дали Португалецот ќе го напушти Јувентус.
Според италијанските медиуми, клубот ќе се обиде да се ослободи и од Игуаин, Даглас Коста, Бернардески, Ругани… Ќе се обидат да го купат новиот Пирло, како што го нарекуваат Сандро Тонали од Бреша, а веројатно ќе извиси Пол Погба, кој е прескап во вакви услови.
Ваквите најави ако се реализираат, ќе значат одлична стартна позиција за Кулушевски, кој е купен од Парма, но остана да игра за популарните Млекари. Шведскиот репрезентативец со македонски корени ќе се приклучи во редовите на најтрофејниот италијански клуб ова лето и ќе биде во друштво со релативно млади играчи.
Лидер на реновираниот Јувентус ќе биде Пауло Дибала, а најавено е дека ќе останат и Де Лихт, Квадрадо, Бонучи, Шченсни, Демирал, Ремзи, Алекс Сандро, со уште неколку засилувања и неизбежните ветерани Буфон и Кјелини.