Управата на Арсенал одлучи да не им ги намали платите на фудбалерите и стручниот штаб доколку исполнат еден услов. Додека многу клубови во Европа се одлучија за ваков потег откако трпат финансиски проблеми поради пандемијата со Коронавирусот, Топчиите може да си ги задржат истите примања само доколку обезбедат пласман во Лигата на шампионите за следната сезона.
Иако овој услов треба да ги мотивира фудбалерите на Микел Артета да остварат што подобри резултати откако сезоната во Премиер лигата ќе продолжи, ќе треба доста да се потрудат за да го исполнат. Предизвикот е тежок со оглед на тоа дека Арсенал во 29 натпревари освои 40 бода и се наоѓа на деветтата позиција на табелата, додека последното место кое носи пласман во ЛШ им бега за осум бода, а го зазема градскиот ривал Челзи.
Дополнително клубот од Лондон претрпе елиминација уште во раната нокаут фаза во Лигата на Европа од Олимпијакос, па затоа ќе треба да се надминат себеси за да ја остварат оваа цел.