Бока јуниорс има одличен план како да ги надмине финансиските проблеми во услови на голема криза со панедмијата на корона-вирусот, а ниту еден играч и вработен во клубот нема да биде оштетен.
Претседателот на аргентинскиот гигант, Жорге Амор Амеал, предложи 8-мина фудбалери со најмали примања во клубот да ја добиваат платата во цел износ додека не продолжи натпреварувањето во Суперлигата. Останатите 24-ица играчи да добиваат 30 отсто помала плата, но откако ќе заврши кризата парите ќе им се рефундираат.
Сите останати вработени, вклучувајќи ги и тие што се грижат за младите категории на фудбалери во клубот со 115-годишна традиција, ќе добиваат полна плата и за време на кризата.
Како што е објаснето, планот ќе треба да се спроведе до 31 декември годинава, а враќањето на парите ќе биде со темпо во зависност од тоа кога Бока ќе продолжи да игра натпревари.
Бока јуниорс со 34 шампионски круни е вториот најтрофеен клуб во Аргентина, зад вечниот ривал од Суперкласико, Ривер плејт, кој има 36 титули.