Мајкл Џордан играл еден меч и во поранешна Југославија

Хрватскиот тренер Александар Петровиќ раскажа една анегдота поврзана со него, брат му Дражен и Мајкл Џордан. За време на Олимписките игри во Барселона во 1992 година, на Џордан му бил познат популарниот „Аца трица“ кого го видел на клупата. Се сетил дека има играно против него. А, тој меч бил во јуни 1982 година, кога во салата „Јазине“ во Задар играле селекциите на поранешна Југославија и САД, како подготовки за Светското првенство таа година.

„По финалето во Барселона, Дражен и Џордан си разменија куртоазни зборови и видов дека гледаат кон мене. Го прашав Дражен што било работата, а тој ми рече дека Џордан прашал кој сум. Дражен му рекол дека сум негов брат, а Џордан му рекол дека се сеќава дека некаде има играно против мене“, вели Александар Петровиќ.

Џордан не можел да се сети каде играл против Ацо, но тоа било во Задар, а Југославија предводена од Петер Вилфан, кој дал 26 поени, загубила од САД со 92-90, со кош на Џон Пексон во финишот, со шут преку Вилфан. Младиот Џордан кој две години подоцна премина во НБА, уфрлил 24 поени.

„Добро се сеќавам на тој меч. Џордан во таа 1982 година не покажуваше дека ќе стане кошаркарски вонземјанин. Го чував десетина минути и морам да признаам дека не ме импресионираше. Беше солиден колеџ играч и ништо повеќе од тоа. Две години подоцна, на Олимпискиге игри во Лос Анџелес, веќе се виде дека прераснува во суперѕвезда“, кажа Петровиќ во една прилика

- Оглас -

Најнови вести