ФФМ се подразбуди: Конечен прекин на домашното првенство ни е последна опција

Претседателот на Фудбалската федерација на Македонија, Муамед Сејдини, конечно се огласи и објави дека приоритет е да се доиграат натпреварувањата на домашната сцена.

Многу работи, како и кај другите земји, ќе зависат од препораките на здравствените авторитети и, секако, од УЕФА, но Сејдини уверува дека ФФМ ќе стори сè сезоната да заврши на регуларен начин, со доигрување на преостанатите натпревари во ПМФЛ и во пониските лиги во Македонија.

„Соочени со пандемијата од ковид-19, верувам дека една работа на сите нам ни е посебно јасна: здравјето е на прво место и, секако, пред фудбалот и спортот воопшто.

Како резултат на ширењето на корона-вирусот, јасно е дека се променети сите околности во фудбалот за оваа натпреварувачка година. Фудбалската федерација на Македонија, во соработка со фудбалските клубови и натпреварувачката комисија во Федерацијата, работи на низа практични решенија како одговор на новонастанатата ситуација. Постојано следејќи ја моменталната ситуација, комисијата во ФФМ која е задолжена за календарот на натпревари, во најбрз можен рок ќе ги претстави плановите за завршување на натпреварувачката сезона во МФЛ. Се разбира, во услови кои ќе бидат диктирани од телата на јавната власт. Прекин на првенството е последно можно решение, откако ниту една алтернатива не би овозможила да се заврши календарот за натпреварувачката сезона во МФЛ.

Актуелната здравствена криза драматично влијае и ги загрозува сите индустрии и економски сектори. Фудбалот не е исклучок и мора да пронајдеме решенија за моменталната ситуација со надеж дека целта ќе биде зачувување на работните места и еднакво почитување на интересите на клубовите и фудбалерите.

Фудбалската федерација на Македонија, како и секогаш досега, кон фудбалската заедница ќе покаже одговорност, единство и солидарност. Ќе ги искористиме сите механизми кои ги имаме на располагање во насока на каква било помош на клубовите и фудбалските работници. Како Федерација сме во постојана комуникација со УЕФА и ФИФА и доколку се определи одреден солидарен фонд кој би го користеле федерациите, ФФМ целосно ќе го пренамени кон клубовите.

Некористењето финансиската поддршка од Владата на Р.С. Македонија беше една од првите одлуки кои раководството на ФФМ ги донесе откако започна здравствената криза и драго ни е што Агенцијата за млади и спорт на вистински начин ја препозна и ја поздрави таа одлука. Нè радува што и други спортски федерации го направија тоа и даваат придонес за клучните врености во вакви ситуации. Истовремено, ФФМ ги подготви и достави до АМС сите пристигнати предмети од фудбалските клубови за користење на финансиска поддршка.

Нестрпливо го чекаме моментот кога фудбалот и спортот повторно ќе нè радуваат, а дотогаш уште еднаш да потсетиме дека ова е време за солидарност и општествена одговорност. Бидете дома и следете ги препораките на здравствените власти“, се вели во соопштението на ФФМ, потпишано од Сејдини.

- Оглас -

Најнови вести