Во денови кога спортот мирува, убаво е да се потсетиме на историските случувања кои засекогаш ќе се памтат. Кога се работи за боксот, а се зборува за изенадувачки резултат, најголема сензација е победата на Џејмс Бастер Даглас против Мајк Тајсон во 1990 година во Токио. Челичниот Мајк беше апсолутен фаворит, но беше нокаутиран од Бастер Даглас, борба која засекогаш ќе се памти како неверојатно изненадување.
На листата на најголеми изненадувања секако е и борбата која се случи пред 19 години во Јужна Африка. Тогашниот светски првак Ленокс Луис требаше рутински да го одработи мечот против Хасим Рахман и тоа да биде само уште една победа на големиот шампион, но се случи нешто неверојатно. Рахман успеа да го нокаутира Луис и да му ги одземе сите светски титули.
Голема е сличноста на борбите во кои беа шокирани Тајсон и Луис. И двајцата шампиони беа премногу самоуверени дека без проблем ќе ги нокаутираат противниците и речиси без подготовка влегоа во рингот. Од друга страна, и Даглас и Рахман постојано повторуваа дека се подготвени да го шокираат боксерскиот свет и успеаја во тоа.
ЕДНА УЛИЧНА ТЕПАЧКА МУ ГО СМЕНИ ЖИВОТОТ
Рахман е боксер кој воопшто не ни требаше да влезе во ринг со Луис. Британецот кој ја чекаше четвртата одбрана на титулата, го очекуваше Мајк Тајсон за противник, но откако Челичниот Мајк беше позитивен на користење марихуана, мораше да се најде замена.
Изборот падна на Рахман, боксер речиси анонимен, но во подем. Сепак, кога се работеше за меч против Луис, немаше дилеми дека тоа требаше да биде само лесен тренинг и победа на Британецот.
Рахман имаше сосема поинаков тек на кариерата и животот од Луис. Додека Британецот растел во Лондон, а како дете бил и одличен фудбалер и кошаркар, без многу грижи, Рахман е момче кое пораснало во озогласениот Балтимор. Тоа е место кое само во 2001 година биле убиени 256 луѓе, односно седумпати повеќе од просекот во САД.
Улицата била најголемото школо за Рахман. Како тинејџер работел како човек кој се грижел за наплата на долговите кои ги имале луѓето кон локалните дилери. Поради својата „работа“, Рахман бил ранет, и тоа со пет куршуми, а преживеал и тешка сообраќајна несреќа, по која заработил дури 500 конци низ целото тело.
„Се дружев со многу лоши луѓе и седев на лоши места. Во таква ситуација има само два патишта, или ќе завршил во затвор или на гробишта“, се сеќава Рахман, кој открива и како успеал да избега од улицата.
„Еден ден на улица случајно се степав со професионален боксер. Ми дојде од зад грб и ме удри. Ми рече да се тепаме. Во таква ситуација нема бегање, мора да прифатиш. Не знаев да боксував, но знаев силно да удирам. Се тепавме на улица и успеав да го истепам, го нокаутирав. Кога стана, ми рече да дојдам кај него во салата за вежбање и дека од мене ќе направи милионер“, се сеќава Рахман, кој тогаш имал 20 години.
МНОГУ РАБОТА, ВЕРБА ВО СЕБЕ И УСПЕХОТ Е ТУКА
Откога првпат влегол во салата за бокс, едноставно не сакал да излезе од таму. Постојано тренирал, па по две години, односно на 22-годишна возраст за првпат влегол во профи боксот. Се чувствувал подготвен, па знаел да боксува и двапати за 5 дена. Во 1995 година имал девет борби, а веќе во 1996 година боксувал дури 11 пати. Победил во првите 29 борби, а најголемиот дел од триумфите му биле со нокаут.
Во 2000 година победил на трите борби и тогаш стигнала поканата да боксува против Луис за светска титула, и тоа како замена за суспендираниот Тајсон.
Токму тоа било борбата за која сонувал Рахман. Борбата била закажана да биде во Јужна Африка. Рахман пристигнал во градот Бакпан 26 дена пред борбата. Сакал добро да се подготви, посебно што се работело за место кое било на 1.800 метри надморска височина.
ДОДЕКА РАХМАН СЕ ПОДГОТВУВАШЕ, ЛУИС СЕ ШЕТАШЕ
Додека Рахман се подготвуваше, Луис во Лас Вегас се забавувал. Малку бил во рингот, а повеќе време поминувал на филмскиот сет, каде што се снимал филмот „Единаесетмина на Оушн“. Лас Вегас е на 300 метри надморска височина, што е многу помалку од тие 1.800 метри кои го очекувале во Јужна Африка. На 12 дена пред борбата, Луис пристигнал во Јужна Африка, а наместо во рингот, тој гостува на сите познати телевизиски емисии и се дружи со познати личности. За тоа време Рахман напорно тренира и најавува дека е подготвен за сензација.
„Да се борат 24 часа во денот, седум дена во неделата, Луис ќе победи“, изјави легендарниот Џорџ Форман. Кога еден Форман тоа го вели, тешко дека може да има изненадување, но Рахман верува во своите можности. Обложувалниците даваат 21 коефициент за победа на Рахман.
ЕДЕН УДАР КОЈ ЌЕ СЕ ПАМТИ ВО СВЕТОТ НА БОКСОТ
Борбата започнува и по првите четири рунди, Луис е во предност, но не покажува дека доминира. Тоа едноставно како да му дава дополнителна сила на Рахман, па во петтата рунда се случува чудо. Рахман најпрво со еден удар го раснишува Луис, но Британецот со насмевка на лицето продолжува да се бори. Потоа следуваат неколку удари на Рахман за Луис повторно да се насмее, но само неколку секунди подоцна следува ударот кој го изненади целиот боксерски свет.
Рахман го нокаутираше Луис, кој повеќе од 10 секунди не знаеше каде се наоѓа, а тоа значеше и дека боксот доби нов светски првак. Рахман веднаш стана ѕвезда и доби пет милиони долари вреден договор од Дон Кинг.
Луис веднаш побара реванш, што и му следуваше според договорот. Рахман се обидуваше да го избегне вториот меч, но Судот одлучи дека мора да има нова борба затоа што шампионот има право на реванш. Во втората борба, Луис само по четири рунди го нокаутираше Рахман, кој за таа борба заработи 10 милиони долари. Британецот го врати тронот, но речиси никој и да не се сеќава на таа борба.
Рахман потоа загуби на шест од следните 12 борби, а Луис кариерата ја заврши со нокаут над Тајсон во 2002 година и победа над Кличко една година подоцна. Британецот ја заврши кариерата со 41 победа и само два порази, но едниот пораз засекогаш ќе остане запамтен.