Првенството на Никарагва стана едно од омилените за следење во изминатиов месец. Тоа не е поради атрактивниот фудбал кој се игра, туку поради фактот дека во оваа земја во ниту еден месец не се стопираа фудбалските возбудувања, иако низ светот владее пандемијата на корона-вирусот.
Сепак, и во Никарагва полека паѓаат под притисокот на опасниот вирус. Првично, мечевите се играа без никаков проблем, а подоцна беше забрането присуство на публика. Подоцна беше побарано играчите да имаат што е можно помалку контакти на теренот, а сега фудбалерите на Диријангден решија дека треба да стават маски на лицето и ракавици на рацете за да се заштитат од корона-вирусот.
Одлуката да се носат маски додека играат фудбал им падна навистина тешко на играчите, посебно поради фактот што во Никарагва деновиве температурата надминува и 37 степени целзиусови.
„Продолживме да играме затоа што го сакаме фудбалот. Потоа се променија правилата. Најпрво беше забрането гледачите да доаѓаат на трибините, а сега мора да носиме и маски и ракавици на теренот додека играме. Фудбалот е игра со многу контакти, па тука мислам дека ни маски не помагаат“, вели Уругваецот Бернардо Лауреиро од тимот на Диријангден.
Интересно е што Никарагва е една од најслабо погодените земји со корона-вирусот и едвај се забележани неколку случаи на заразени луѓе од опасниот вирус.