Само еден ден откако Французите означија крај на сезоната во Лига 1, а денес претходно го прогласија ПСЖ за старонов шампион, се дозна и кои екипи ќе учествуваат во европските натпреварувања следната сезона. Според конечниот исход, најмногу штета претрпи Олимпик Лион, кој по цели 23 години нема да се појави во ниту едно од двата континентални турнири.
Според редоследот на табелата, лидерот ПСЖ заедно со второпласираниот Марсеј и третопласираниот Рен ќе играат во Лигата на шампионите следната сезона. Учество во Лигата на Европа добија Лил, Римс и Ница, а Лион заостана еден бод помалку, односно со конечниот пласман на седмото место на табелата нема да игра ниту во ЛШ ниту во ЛЕ за првпат од 1997 година.
Сепак, треба да се земе предвид дека на Лавовите им преостана реванш-пресметката против Јувентус во осминафиналето од ЛШ и во овој двомеч имаат минимална предност од 1-0 од првата средба, така што во случај да го освојат европскиот пехар, ќе се најдат меѓу учесниците во меѓународната елита.