Сомнежи околу регуларноста на мечот Интер – Јуве од 2018?

Италијанскиот фудбал како да не може без сомнителни работи и скандали. Откако во 2006 година, земјата, па и светот на фудбалот ги здрма скандалот „Калчополи“ и местењата на Јувентус и други клубови, сега на Апенините повторно се сомневаат во матни игри и пак Старата дама е во центарот на вниманието.

Спорен е мечот Интер – Јувентус од сезоната 2017/2018. Во тоа дерби на Италија во Милано, гостите победија со 3-2, со два гола во финишот и со тоа направија голем чекор кон титулата. Интер и со човек помалку, водеше до 87-ма минута.

Овојпат судијата Даниеле Орсато е на удар. Тој не сакаше да му даде црвен картон на Миралем Пјаниќ по еден остар старт над Рафиња, од ВАР го советувале да не гледа снимка и на Босанецот да му покаже само жолт. Шест минути претходно, Весино од Интер доби директно исклучување.

„Бомбата“ ја фрли бившиот шеф на обвинителството на фудбалската федерација на Италија, Џузепе Пекораро. Тој тврди дека аудио-записите од ВАР собата се избришани, за да се сокријат докази што се зборувало.

Наполи кој се бореше за титула, следниот ден загуби од Фиорентина, и така Јуве имаше непречен пат кон ново Скудето. Фановите на Наполи жестоко реагираа, сметаат дека титулата им била „украдена“ и преку социјалните мрежи го прашаа Маурицио Сари кој тогаш седеше на клупата на Наполи, како се чувствува сега кога е тренер на тимот кој му „украл“ титула пред две сезони.

- Оглас -

Најнови вести