Рагбистите на Вориорс од Нов Зеланд, со специјална дозвола за патување, заминаа во Австралија каде во периодот од мај до октомври треба да играат во националната рагби лига. Рагбистите со чартер лет стигнаа во Австралија, и ќе мора да минат 14 дена во карантин, пред на 28-ми мај да се појават на терен и да го продолжат натпреварувањето кое беше прекинато поради коронавирусот.
Воините од Нов Зеланд се единствен тим во лигата кој не е од Австралија. Двајца рагбисти останаа дома бидејќи не се чувствувале добро, но откако ќе оздрават, и на нив ќе им се даде дозвола да го напуштат Нов Зеланд, и да им се придружат на соиграчите.
Со оглед на тоа дека сезоната им трае до 25 октомври, за кога е закажано финалето, рагбистите од Нов Зеланд долго време ќе бидат одвоени од своите семејства, па пред патувањето во Австралија, имало и многу емотивни испраќања со децата и најблиските.