До сите клубови од шестте фудбалски региони во Третата лига во Македонија стигна предлог сезоната 2019/20 предвреме да заврши и шампиони да бидат моментно првопласираните екипи и да нема испаѓање.
Сите клубови ќе треба да се изјаснат за идеата веќе да не се игра фудбал до почетокот на новата сезона до 12. мај, како што гласи во дописот.
Сите екипи се надвор од тренажен процес околу два месеци и во тој период не се играа натпревари, па рестартот на првенството во третите лиги ќе биде отежнато.
Во дописот до клубовите се вели дека здравјето на играчите е пред сè и дека е очигледно дека нема услови за продолжување на сезоната.
Неодамна Фудбалската федерација на Македонија доби неповолен одговор од Министерството за здравство на барањето да се дадат препораки дали, кога и како би се завршила тековната сезона.
Здравствените власти и кризниот штаб за справување со пандемијата од ковид-19 одговорија дека не можат да дадат временска рамка кога би можело да се доигра сезоната. Тоа ги доведува во опасност од предвремен крај и првлигашите и второлигашите.