Во дведецениската кариера, Џибрил Сисе настапуваше за клубови како Ливерпул и Лацио, а одигра и преку 40 настапи во репрезентацијата на Франција, за да во 2018 година реши да се повлече. Сисе наскоро ќе наполни 39 години, а сега најави дека сака повторно да се врати на теренот и тоа во француското првенство. Ваквата идеја за реактивирање на Сисе има своја цел, а тоа е желбата на голгетерот да стигне до бројката од 100 погодоци во првенството на Франција.
На клупски план, Сисе има постигнато преку 270 голови, но напаѓачот вели дека жали што не стигнал до бројката од 100 погодоци во првенството на Франција. Носејќи ги дресовите на Оксер, Олимпик Марсеј и Бастија, Сисе успеа да постигне 96 гола во пренството и му недостасуваат само четири за јубилеен 100-ти погодок.
Ветеранот најави дека сака да се реактивира и се нуди да игра и без пари само за да добие шанса во некој француски прволигаш да постигне уште четири гола.
„Знаете како е со напаѓачите. Сакаме да постигнуваме голови и да стигнеме до некоја округла бројка. Мене и понатаму ме прогонува тој рекорд од 100 гола. Застанав на 96 погодоци и цело време размислувам како да стигнам до бројката од 100. Подготвен сум да играм и без плата, така да клубовите немаат ризик ако ме ангажираат“, вели Сисе кој додава дека е во сериозни преговори со еден клуб, но чека и други понуди.
Дури и да успее да потпише за некој француски тим, Сисе ќе мора да чека најрано до септември за да заигра, бидејќи француската влада забрани секаков вид на спортски настани до септември.