Јувентус ќе нѐ масакрира

Француското првенство и дефинитивно беше одложено, откако владата на оваа земја одлучи да нема никакви спортски активности до 1 септември. На оваа одлука најмногу реагираа челниците на некогашниот француски првак Олимпик Лион.

Тимот има повеќекратна штета од прекинот на шампионатот, а една од најголемите е тоа што нема да игра во европските купови, затоа што Лион во моментот на прекинот беше на седмото место на табелата. Тоа ќе биде прв пат по 23 години, Лион да не игра во Европа, што е голем удар за клубот кој сезонава блескаше во Лигата на шампиони.

И покрај прекинот на првенството во Франција, за Лион сезоната уште трае, бидејќи тимот е дел од осминафиналето во Лигата на шампиони. Французите во првиот меч против Јувентус победија со 1:0, но сега ги чека реванш во Торино.

Претседателот на Лион, Жан Мишел Ола најави дека реваншот е закажан за 7 август, а неговиот тим ќе биде „масакриран“ затоа што не може да се игра еден така важен меч, а претходно неколку месеци да се биде без ниту еден официјален дуел.

„Потврдија дека реваншот против Јувентус ќе го играме на 7 август во Торино пред празни трибини. Ќе немаме никакви шанси да ја одбраниме предноста од 1:0, затоа што владата во Франција одлучи да биде прекинато првенството во нашата земја поради Коронавирусот. Бидејќи нашето првенство нема да продолжи, Јувентус ќе нѐ масакрира, затоа што за разлика од нас тие ќе бидат физички многу подобро подготвени. Италијанското првенство треба да продолжи. Нема само ние да бидеме масакрирани, истото ќе го чека и ПСЖ во четвртфиналето, ако добие противник кој ќе биде во натпреварувачки ритам и физички подготвен Тоа е неизбежно“, вели Ола.

 

- Оглас -

Најнови вести