Поранешниот менаџер на Челзи, Гус Хидинк се присети на реваншот од полуфиналето во Лигата на шампиони против Барселона во 2009 година. Тоа е еден од најконтроверзните дуели во историјата на елитната лига, а на крајот Барселона се радуваше на пласман во финалето, а подоцна каталонскиот гигант стигна и до трофејот.
Откако првиот меч на „Камп Ноу“ заврши без голови, Челзи водеше со 1:0 се до 94 минута, кога Андрес Иниеста израмни на 1:1. По завршување на дуелот, играчите на Челзи беа гневни и буквално сакаа да го линчуваат судијата Том Хенинг Овребо затоа домаќините сметаа дека во четири ситуации требало да има пенал во нивна корист, а не беше досуден ниту еден удар од белата точка.
Според Хидинк, челниците на УЕФА не сакале да има реприза на финалето од претходната сезона кога Манчестер јунајтед на пенали го победи Челзи.
„Тоа беше најлошото судење кое некогаш сум го видел. Бев непријатно изненаден затоа што тој судија во претходните мечеви судеше перфектно. Тоа е единствениот меч за кој сум помислил дека може да е манипулиран. Во тоа време, Манчестер јунајтед веќе беше пласиран во финалето на ЛШ, а УЕФА не сакаше да има исто финале од претходната година. Немам докази за тоа, но многу се нервирам за таа елиминација“, рече Хидинк.