Секој со свои сметки – Магдебург навива да не се игра, Инголштад одговори со контранапад

Германија планира да се одигра и фудбалското натпреварување во Третата лига, а како можен датум за рестарт е одреден 26 мај.

Мнозинството клубови уште во април изгласаа да се заврши сезоната, но сè уште има клубови кои со скепса гледаат на проектот, секако и со јасни сметки.

Магдебург е во безбедната зона за еден бод и оттаму велат дека е најдобро првенството да се прекине, а поддршка имаат и од Карл Цајс Јена, екипа што веќе е испадната.

„Ако играме без присуство на публика, тоа ќе не чини дополнителни 740 илјади евра. Тоа е премногу за третолигаш и затоа велиме дека е време да се прекине сезоната“, објавија од Магдебург.

На Карл Цајс Јена и е сеедно од резултатски аспект дали ќе се игра или не, тие веќе се отпишани и испаѓаат, па понудија интересен аргумент за прекин на сезоната.

„Ние не можеме да гарантираме дека ќе одржуваме хигиена според строгите протоколи. Подобро е да не играме повеќе“, е апелот на некогашниот претставник на Источна Германија во еврокуповите, сега на пат кон една од регионалните лиги.

Дека има и ситни интереси во битката да се игра или не, ќе стане појасно по реакцијата на Инголштад. Клубот губи ако не се доигра сезоната бидејќи е на петтото место, кое не води во повисок ранг на натпревари.

„Ако не ја доиграме сезоната, лигата ќе се распадне, а ќе има доста клубови што ќе бидат на работ на пропаст“, велат од таборот на Инголштад.

Ако се продолжи сезоната регуларно од 26 мај со доигрување на 11 рунди, тогаш Инголштад е сериозен кандидат за промоција во популарната Цвајта. Има 42 бода, само пет помалку од лидерот Дуисбург и три од Манхајм и Унтерхахинг.

Првопласираните две екипи ќе се пласираат во Втората лига, додека третата ќе игра бараж со клуб од Цвајта. Според проекциите на Германската фудбалска федерација, Третата лига би требало да заврши до 30 јуни.

- Оглас -

Најнови вести