Една од најслабите фудбласки земји според квалитетот, Фарски Острови, веќе започна со фудбалот во ерата на корона-вирусот. Во Фарски Острови се одигра првото коло, кое според планот, требаше да биде речиси пред два месеци, но не се одигра поради прекинот на фудбалот во Европа.
Класквик и Б36 Торшавн минатиот октомври играа меч за титула, а на стадионот имаше околу 6.000 гледачи, што е 11 отсто од вкупната популација на Фарски Острови. Во првото коло од новото првенство кое се играше изминатиот викенд повторно играа овие два клуба. Б36 Торшавн победи со 2:0, а на трибините немаше гледачи.
Едноставно, во оваа мала земја останува претпазливоста поради корона-вирусот, иако Фарски Острови може да се пофалат дека одлично се справија со опасниот вирус. Вкупно 187 граѓани биле заразени од опасниот вирус, а последниот случај бил забележан на 22 април. По тој случај, веќе немаше никакви нови заболени, а сите останати оздравеа. Во земјата немаше и ниту еден смртен случај поради корона-вирусот.
„Како нација го постигнавме тоа што многу други земји не успеаја. Како општество треба да бидеме благодарни и горди за тоа што го направивме. Наскоро ќе се враќаме на нормалниот секојдневен живот толку колку што дозволуваат условите во ова ненормално време“, вели премиерот на земјата, Бардур Стиг.
Себастијан Пингел беше стрелец на еден од двата гола во победата на Б36 Торшавн на гости кај Класквик.
„Беше чудно, не знаев каде да трчам. Прво тргнав кон корнер-знаменцето, но потоа ми текна дека таму неа навивачи, па затоа се развикав најсилно што можам. Чудно е затоа што се слуша секој потег, без разлика дали е од играчите на теренот или од тренерите на клупата“, вели играчот на Б36 Торшавн, Пингел.