Датумот 13 мај 1990 година ќе остане запамтен како еден од најцрните во историјата на некогашното фудбалско првенство на СФР Југославија. Во рамките од тогашното првенство, Динамо на својот стадион „Максимир“ требаше да биде домаќин на Црвена ѕвезда, но мечот никогаш не се одигра. Наместо фудбал, многу тепање, крв, искршени столчиња, повредени луѓе беше дел од сликата на тој 13 мај.
Уште утрото пред мечот „мирисаше“ дека може да има инциденти. Навивачите на Црвена ѕвезда пристигнаа во голем број во Загреб и веднаш започнаа инциденти, кои беа карактеристични и на претходните дерби-дуели на големите ривали од екс-Ју-лигата.
Тепачките од улиците се преточија во гнев и нереди на трибините. Гостинските Делии започнаа да дивеат и да кршат од столчињата и останатиот инвентар на трибината. Потоа беше нападнат оној дел каде што седеа помирните домашни фанови.
Тоа беше знак дека од спротивната страна треба да се активираат и домашните Бед Блу Бојс. Дел од нив се префрлија на трибината каде што влегоа во директен дуел со Делии, а поголем дел од останатите ја срушија оградата на трибината и втрчаа на теренот. Во тој момент на теренот беа и фудбалерите на двата клуба, кои се загреваа и се подготвуваа за мечот кој никогаш не се одигра.
Во целата мешаница и драма на теренот остана запамтена и реакцијата на капитенот на Динамо, Звонимир Бобан. Тогаш 21-годишниот Бобан со нога го удри милицаецот Рафик Ахметовиќ. Многумина велат дека во тој момент милицаецот имал право дури и да пука и да го убие Бобан, но, за среќа, во тој хаос такво нешто не се случи. Бобан беше казнет со девет месеци суспензија и затоа не се најде на списокот на селекторот Ивица Осим на Светското првенство во Италија кое се одигра два месеци подоцна.
По неколку часа дивеење, хаосот на „Максимир“ заврши, а мечот не се одигра. Многумина сметаат дека токму овој меч е најавата за почеток за распадот на тогашната СФР Југославија.
Во продолжение погледнете ја подолгата верзија од од хаосот на „Максимир“ кој ќе остане запамтен.