Челзи славеше против Кристал Палас и со тоа остана во друштво на Манчестер сити и Ливерпул како три екипи кои немаат пораз во Премиер лигата. Тоа и не би било толку чудно, но ако се знае дека досега поминаа 11 кола во првенството е навистина чудо. Вакво нешто, да има три екипи без ниту еден пораз досега никогаш не се случило во Премиер лигата од формирањето во 1992 година.
Последен пат три екипи да се непоразени по 11 одиграни кола во елитната англиска лига се случило во далечната 1978/79 сезона, односно пред точно 40 години. Вчера Ливерпул одигра 1:1 на гости кај Арсенал и освои бод, иако може да жали за победата, бидејќи имаше предност до неколку минути пред крајот. Денеска, Манчестер сити и Челзи лесно го совладаа своите противници. Актуелниот првак со 6:1 го растури Саутемптон, а Челзи имаше повеќе милост кон Кристал Палас и победи со 3:1.
„Граѓаните“ во следното коло ќе го имаат најголемиот предизвик. На свој терен ќе играат против градскиот ривал Јунајтед. Челзи и Ливерпул би требало да имаат полесна задача во обид да се задржи серијата без пораз. Лондонските „сини“ на свој терен играат против Евертон, додека Ливерпул на „Енфилд Роуд“ ќе го пречека Фулам, кој е во низа од четири порази. Ваквиот распоред во 12. коло ветува дека серијата на водечката тројка може уште да трае.