Данците храбро ќе стапат пак на сцена – Рестарт на 28. мај со публика на трибините

Данскиот клуб Орхус објави дека има план како да ги продолжи натпреварите во првенството со присуство на публика на трибините.

Токму со мечот меѓу Орхус и Рандерс на 28. мај од 19 часот ќе започне рестартот на данското првенство, прекинато во март поради пандемијата со Коронавирус.

Иако е најавено дека сезоната ќе се одигра без публика, од Орхус велат дека може да има пресврт и дека е безбедно за нив да сместат околу 5 илјади луѓе на трибините на „Серес парк“.

Капацитетот на стадионот е околу 20 илјади места, а интересно е што Орхус во просек има посета од околу 9 илјади симпатизери по меч.

„Има голем интерес за билети, а ако се придржуваме до протоколите за социјална дистанца и направиме добар план за продажба на влезници можеме да играме пред 5 илјади луѓе“, објави Јакоб Нилсен директор на АГФ Орхус.

Иницијативата ја подржа и Клаус Томсен, кој најави мечеви со публика, а е важна фигура во данскиот фудбал.

„Подготвени сме за натпревари со публика, само ќе треба да бидеме дисциплинирани“, објави Томсен, кој е директор на Асоцијацијата на професионални фудбалери.

Идеата им се допадна и на ланските шампиони од Копенхаген, кои велат дека сакаат да има публика и на „Паркен“, стадион кој има капацитет од 38 илјади места.

„Засега не знаеме точно колку публика би можело да ги следи нашите домашни мечеви, но интересот е голем. Данците долг период лежеа во кревет без фудбал, па сега ќе сакаат да дојдат на стадион. Очекуваме да играме со навивачи на трибините“, рече Јес Мортенсен, портпарол на ФК Копенхаген.

Данците истканаа дека на сите стадиони можеби и ќе нема услови за присуство на публика, но клубовите се охрабрија и најавуваат возбудлив рестарт на првенството со доигрување на две кола од регуларниот дел и потоа и плејоф и плејаут.

 

- Оглас -

Најнови вести