Најтрофејниот македонски клуб Вардар летово само по еден двомеч ги заврши настапите во Европа. „Црвено-црните“ беа елиминирани од Пјуник со вкупни 3-0, во првото коло од квалификациите во Лигата на Европа.
На мечот во Скопје, гостите од Ерменија славеа со 2-0 и ја најавија раната елиминација на Вардар, кој само пред една година играше во групната фаза од Лигата на Европа. Токму на средбата во Скопје, домаќинот поради слабата организација, ќе мора да плати казна од 25.000 евра.
Ова е сумата која ја одреди дисциплинската комисија на УЕФА во Нион, а како образложение за казната наведени се користењето на пиротехнички средства на фановите на Вардар како и националистичките скандирања од трибините.
За учеството во квалификациите од Лигата на Европа на Вардар му следуваат 260.000 евра, а речиси една десетина од бонусот кој ќе го добие, ќе мора да го врати во касата на УЕФА.