Харви Елиот од минатото лето е член на Ливерпул, а од него во иднина се очекува да заигра за првиот тим според предиспозициите кои ги поседува. Младиот Англичанец веќе го оствари своето деби за првиот тим на Црвените, но пред да потпише за актуелниот европски првак имаше доста примамливи понуди од ПСЖ, Манчестер јунајтед, Челзи и Реал Мадрид.
Елиот дури бил во посета на кралскиот клуб во шпанската метропола непосредно пред да го стави потписот на соработката со Ливерпул, а при турнејата одбил да се запознае со капитенот Серхио Рамос поради една причина. Претставниците на Реал помислиле дека ќе го убедат Елиот да потпише за нив доколку се запознае со Рамос, но тој ја одбил таа прилика бидејќи шпанскиот стопер една година претходно го повреди Мо Салах во финалето од Лигата на шампионите кое се одигра во Киев.
На прашањето дали сакаш да се запознаеш со Рамос, Елиот дрско одговорил: „Не, благодарам. Не го поднесувам откако го повреди Салах“, по што претставниците на Реал останале неми.