Клубовите од кошаркарската НБА лига го прифатија предлогот на комесарот Адам Силвер, за продолжување на сезоната на 31 јули. Ова значи дека паузата ќе трае 141 ден, а новина е што сезоната ќе ја продолжат само 22 клуба и целиот плејоф треба да се игра на едно место, во комплексот „Светот на Дизни“ во Орландо.
Отпаднаа Голден стејт и Минесота од Западот, а Шарлот, Чикаго, Њујорк, Детроит, Атланта и Кливленд од Истокот.
Во САД, ситуацијата со коронавирусот уште не е стабилизирана, па ќе мора да се игра без публика. Сезоната ќе заврши најдоцна на 12-ти октомври.
НБА објави и дека драфт лотаријата ќе се одржи на 25-ти август, а драфтот дури на 15-ти октомври. За време на плејофот кој ќе се игра во четири добиени, и најблиските роднини на играчите ќе смеат да бидат во комплексот и да ги користат поволностите. Тимовите после секој меч одат во хотел и таму ќе треба да се тушираат, а за да заврши регуларната сезона, секој тим ќе треба да има 72 меча зад себе.
Следната сезона треба да стартува на католички Божик (25 декември).