Теорија на заговор: Во Серија А се кријат играчи позитивни на ковид-19 за да се прекине сезоната

Бизарна теорија на заговор се шири во Италија. Градоначалникот на Беневенто, Клемент Мастела, смета дека два клуба од Серија А кријат нивни членови кои се позитивни на ковид-19 и ќе ги истакнат во вистински момент за да дојде до прекин на сезоната. Овие шпекулации се појавија во една колумна на италијанскиот медиум „Кориере дело спорт“, напишана од новинарот Иван Зазарони, а градоначалникот Мастела бара да се покрене истрага според неговите тврдења.

„За некои овие гласини се вистинити, во земја полна со сомнежи сè е возможно. Се соочуваме со конфликт на интереси и разочаран сум што има луѓе кои се подготвени да направат сè за да си го заштитат личниот интерес“, истакна Мастела.

Пред прекинот на сезоната Беневенто беше убедлив лидер во Серија Б со 20 бода предност во однос на второпласираниот тим и пласманот во италијанската елита им е речиси осигурен. Во меѓувреме клубовите од Серија А ставија вето врз доделување на Скудетото доколку сезоната се откаже, што автоматски значи дека ќе нема испаѓање ниту промоција.

- Оглас -

Најнови вести