Трката за Големата награда на Италија на патеката „Мугело“ нема да се одржи во сезоната која претстои. Оваа трка требаше да се одржи на 31 мај според првобитниот календар, меѓутоа се одложи поради пандемијата со корона-вирусот, а сега целосно е откажна откако не се најде нов термин.
Со откажувањето завршува една долга традиција во Мото ГП – за првпат по 30 години мотоциклистите нема да возат на легендарната патека во Тоскана. Вкупно осум трки се откажани и нема да се одржат во новата сезона, тоа се трките во: Канада, Јапонија, Австралија, Холандија, Германија, Велика Британија, Катар и сега во Италија.
Новата сезона требаше да почне на 8 март, но Меѓународната мотоциклистичка федерација се надева дека стартот на сезоната ќе се случи на 19 јули, со шпанското Гран при кое ќе се одржи на патеката „Херес“.