Црвена ѕвезда забележа историска победа од 2-0 против Ливерпул, пред преполниот стадион „Рајко Митиќ“ во Белград. Во рамките од четвртото коло во групната фаза во ЛШ, српскиот првак го забележа и првиот триумф по четири средби, благодарение на двојниот стрелец Милан Павков.
Домаќините за првото славење стигнаа во 22-та минута, кога голгетерот на Ѕвезда беше највисок во скокот по изведениот корнер, а Павков со глава погоди експлозија на трибините на популарната „Маракана“. Седум минути подоцна, по еднен контранапад на „црвено-белите“, Павков без многу колебање испрати удар од дваесетина метри кон голот на гостите и го матираше Алисон со прекрасен погодок.
Ливерпул во продолжението во неколку наврати се обидуваше да се врати резултатски, но одбраната и голманот на домаќините одолеаја на секој напад од „црвените“, за на крајот Ѕвезда да издвои сензационална победа против актуелниот европски вицешампион.
Монако претрпе нов срам пред своите навивачи откако Клуб Бриж ги совлада „кнезовите“ со 4-0. Гостите веќе по првите 45 минути имаа убедлива предност од три гола, Ванакен погоди два пати, а потоа и Весли. Конечниот резултат го постави Вормер во 85-тата минута од средбата.