Бордот на ФИБА Европа одлучи ноемврискиот квалификациски „прозорец“ за пласман на Евробаскетот 2021 година да се игра според претходно утврдениот календар за натпреварување, а не како што се најавуваше дека средбите ќе бидат одложени за февруари.
Согласно локалните законски регулативи, ќе се реши кои мечеви ќе се играат без публика или со лимитиран број гледачи, а во случај сепак да не може да се игра во текот на ноември, тогаш натпреварите од тој циклус дефинитивно ќе бидат одложени и преместени за февруарските термини, додека февруарските мечеви би се играле во јули 2021 година, во периодот помеѓу крајот на олимписките квалификациски турнири и почетокот на Олимписките игри во Токио.
Ова значи дека нашата репрезентација своите квалификациски средби против Италија и Естонија веројатно ќе ги игра во ноември, пред празни трибини или со лимитиран број гледачи поради пандемијата на корона-вирусот, а потоа во февруари или јули дома ги пречекуваме Италија и Русија, по што ќе се знае дали ќе играме на Европско првенство.