Најдолговечниот НБА-играч и официјално рече збогум – само небото беше негова граница!

По 22 сезони поминати во НБА-лигата, легендарниот Винс Картер и официјално објави дека ја завршува играчката кариера. Картер е единствен кошаркар во историјата кој успеал 22 сезони да биде дел од најсилната кошаркарска лига во светот.

„И официјално завршив со професионалното играње кошарка“, рече Картер, кој последно го носеше дресот на Атланта.

Картер немаше официјално збогување на теренот затоа што сезоната во НБА беше прекината поради пандемијата со корона-вирусот. Сега се очекува продолжување, но тоа нема да се случи со сите 30 клубови, туку сезоната ќе ја доиграат оние 22 клуба кои се дел од плејофот или имаат реални шанси да стигнат да разигруваат за титулата. Меѓу тие екипи ја нема Атланта, па затоа Картер нема да има шанса повторно да се појави на теренот.

https://twitter.com/i/status/1276139738831958017

Картер е единствениот кошаркар во историјата кој успеал во четири различни декади да биде дел од НБА. Првпат заигра во 1998 година, а со играњето и во 2020 година, успеа да врзе четири децении како дел од од најсилната лига. Картер беше препознатлив по своите атрактивни забивања, а ќе остане запаметено неговото забивање на Летните олимписки игри во Сиднеј, кога буквално го прелета 218 сантиметри високиот центар на Франција и успеа да забие.

Картер дефинитивно е една од легентите на НБА-лигата.

 

 

- Оглас -

Најнови вести