Реал Мадрид е голем фаворит на вечерашното гостување кај „фенерџијата“ Еспањол, со победа мадриѓани ќе избијат на прво место со два бода предност пред Барселона, но не може однапред да се запишат три бода на сметката на Кралевите. И тренерот Зинедин Зидан предупредува дека не смее да се опуштаат.
Реал сезонава во шпанската лига има три порази, и тие порази беа против екипи од долната половина на табелата (Мајорка, Леванте и Бетис). Не само што губеше на тие мечеви, туку поразите значеа и препуштање на првото место. На Реал му се случува да игра немотивирано против „слаби“ ривали и затоа Зидан е претпазлив и ќе треба да ја измотивира екипата со тоа што победа ќе им донесе лидерско место.
„Играат првиот и последниот на табелата, но во фудбалот тоа не значи ништо. На терен треба да се докаже кој е подобар. Не смееме да имаме преголема самодоверба и да го направиме истото како на гостувањето кај Мајорка“ – изјави Зидан.
Освен тоа што губеше од просечни или потпросечни тимови, Реал истотака сезонава знаеше и за ремизира со екипи од средината или долниот дел на табелата. Така беше со Валјадолид, Бетис, Атлетик Билбао и Селта. Само против Леганес беа убедливи, и затоа Зидан вели оти не смее да мислат дека бодовите се однапред освоени.
Еспањол се бори за опстанок, има нов тренер, Руфете ќе дебитира, а кај Реал ќе ги нема суспендираните Модриќ и Менди.