Најголемите фудбалски имиња не ќе можат да играат на Светско првенство доколку со своите екипи настапуваат во најавената европска Суперлига, им посочил претсетаделот на ФИФА, Џани Инфантино, на повеќе новинари.
Инфантино денес разговарал со неколку новинари во просториите на Светската фудбалска куќа и потврдил дека Федерацијата ќе ги казни сите оние играчи кои ќе го напуштат сегашниот формат на меѓународни натпревари со цел да играат во приватната лига која ќе биде во организација на клубови како Барселона, Реал Мадрид, Манчестер јунајтед и сити, Баерн Минхен и други.
„Или ќе бидат дел од нашата организација или целосно ќе бидат исфрлени од неа. Казната ќе биде за сите првенства, фудбалерите кои се дел од клубовите кои сакаат приватна лига, не ќе можат да играат на Светско, Европско, како и во домашните шампионати“, изјави Инфантино.
Фудбалскиот свет пред извесно време беше изненаден од информациите кои ги изнесе германскиот таблоид „Der Spiegel“, според кои се дозна дека европските гиганти се обидуваат да формираат лига во која ќе настапуваат 16 од најквалитетните екипи од топ 5 лигите од Европа.