Преостанатите реванш-дуели од осминафиналето во Лигата на шампионите ќе се одиграат според планот, односно како што им следува на екипите да бидат домаќини во возвратните дуели.
Манчестер сити против Реал Мадрид на „Етихад“ ќе бара потврда за пласманот во топ-8 фазата, Баерн Минхен на „Алијанц“ ќе ја доврши работата против Челзи започната во Лондон, Барселона ќе ги пречека Елмас и Наполи на „Камп ноу“, додека Лион во Торино ќе ја брани минималната предност од 1-0 против фаворитот Јувенутс. Средбите ќе се одиграа на 7, односно 8 август.
УЕФА ќе ја потврди оваа информација во петок, 10 јули, за кога е закажана ждрепката за четвртфиналните парови. По реванш-дуелите, четвртфиналистите се селат во Лисабон, каде што ќе се игра во скратен формат.
Како што е веќе познато, на стадионите на Спортинг Лисабон и Бенфика ќе се играат мечевите од четвртфиналето, додека полуфиналињата (18/19 август) и битката за престижниот пехар ќе се одржат на „Да Луж“ (23 август).
Пласман во четвртфиналето досега обезбедија ПСЖ, Атлетико Мадрид, Аталанта и Лајпциг.