Четврток е ден за натпреварите од Лигата на Европа. Се игра четвртото коло кое може да реши доста дилеми околу патниците во следната фаза. Ние ќе ви понудиме пет предлог-типови со анализи на натпреварите што ќе се играат денеска во три блока – од 16.50, од 18.55 и од 21 часот.
Акхисар – Севилја (18.55 часот)
Шпанците славеа убедливо пред две недели со 6-0, иако играа против Акхисар без двајцата најдобри стрелци, Андре Силва и Висам Бен Једер.
Севилја има широк репертоар на квалитетни играчи и реално е пресилен противник за Акхисар Беледие. Откако го изненадија Галатасарај во финалето на турскиот Куп и го освоија пехарот, играчите на Акхисар како да се опуштија, па не се ниту сенка на ланскиот состав.
Се наоѓаат во опасната зона за испаѓање во турското првенство и за нив е поважен мечот со Анталија во недела отколку денешниот против Севилја. Немаат реални шанси за да ја минат групата во конкуренција на денешниот ривал и на Краснодар и Стандард Лиеж, па можно е главните играчи и да одморат денеска.
Севилја, исто така, има важен меч викендов што доаѓа, против хитот во Ла Лига, Еспањол. Бен Једер и Силва веројатно повторно нема да играат против Акхисар, но составот од Андалузија и без нив го декласира турскиот тим со 6-0 пред две седмици.
Предлог тип: 2&0-3 (2.40)
Лацио – Марсеј (18.55 часот)
Италијанскиот состав убедливо го доби првиот меѓусебен дуел во групата Х и направи брејк за пласман понатаму. Ланскиот финалист во Лигата на Европа, Марсеј е на прагот да испадне во првата фаза и нема многу простор за калкулации.
Ова е и посебен меч за тренерот на гостите од Франција, Руди Гарсија, кој беше кормилар на Рома, вечниот ривал на Лацио, и сигурно нема да калкулира. На Марсеј му одговара само триумф, но Лацио покажа многу повеќе на „Велодром“, победи со 3-1 и повторно е фаворит за победа која речиси сигурно го води во следната рунда.
Предлог тип: 1Х&3+ (2.00) Квота на денот
Баер Леверкузен – Цирих (21 часот)
Чуден меч одиграа двете екипи пред две седмици и по двата пресврти, со 3-2 славеше швајцарскиот тим. Цирих приреди изненадување, а игра и неверојатно ефикасно. На последните 7 натпревари секогаш е 4+ на дуелите на кои игра Цирих, а денеска има и ривал по мерка за голови.
На последните 8 меча, популарните „фармацевти“ од Леверкузен седумпати одиграа со четири или повеќе голови, а само Фрајбург со реми без голови ги спречи да ја затресат мрежата на последните 13 натпревари.
Тренерот на Баер, Хајко Херлих, беше напаѓач, па јасна е ориентацијата да се игра за гол повеќе, а таква тактика најчесто има и неговиот колега на клупата на Цирих, Лудовик Мањин. Тој играше во Бундеслигата, за Вердер и Штутгарт, и позната му е германската девиза да се игра атрактивен и напаѓачки фудбал.
Предлог тип: ГГ&3+ (1.91)
Олимпијакос – Дуделанж (21 часот)
Дино Топмелер направи одлична работа со Дуделанж, тимот се запиша во историјата како прв од Луксембург што игра во Лигата на Европа, но силата и квалитетот е дотука. Олимпијакос, а особено Милан и Бетис, се пресилни, па Дуделанж сè уште е без постигнат гол на 3 натпревари во групата Ф. Тешко дека тоа ќе се смени и денеска, бидејќи на Олимпијакос му се важни секој гол и секој бод во битката за првите две позиции со Бетис и Милан.
Грчкиот тим славеше на првиот меч со 20 на гостински терен и сега е апослутен фаворит за нова победа против дебитантот во европските купови, веројатно повторно без примен гол. На последните четири натпревари, мрежата на Жозе Са не се тресеше, а Португалецот на голот на Олимпијакос е на прагот на петка без примен гол.
Предлог тип: 1&0-3 (1.77)
Бетис – Милан (21 часот)
Двете екипи имаат многу поважни мечеви во недела отколку денешниот меѓусебен во Лигата на Европа. Бетис се подготвува за гостување на „Камп ноу“ кај Барселона, а Милан повеќе мисли на дуелот со шампионот на Италија, Јувентус, отколку на овој денеска во Севилја.
Бетис беше подобар на претходниот дуел и победи во Милано со 2-1, што му дава предност пред вториот меч против Милан во рок од две седмици.
Гостите имаат и многу проблеми со повредени играчи, па им одговара и реми на „Бенито Вилјамарин“ против Бетис.
Предлог тип: 1Х&0-3 (1.77)