Федерер најави: Крајот е блиску, многу ќе ми недостасува тенисот

Рекордерот по бројот на освоени гренслем титули, Швајцарецот Роџер Федерер откри дека нема уште долго време да биде активен во врвниот тенис. Легендарниот тенисер на 8 август ќе наполни 39 години и знае дека телото нема да му дозволи уште долго да биде меѓу најдобрите како што беше во изминативе 20-тина години.

Популарниот Федекс го пропушти најголемиот дел од оваа сезона. Првично поради операцијата која ја имаше и потоа мораше да мирува, а потоа и поради пандемијата со корона-вирусот.

„Крајот на мојата кариера веќе е блиску. Многу ќе ми недостасува тенисот. Секако дека ќе ми биде полесно веднаш да објавам крај, но нема. И понатаму сакам да си дозволам да уживам во оваа игра“, вели Федерер.

Според моменталниот ранкинг на АТП-листата, Федерер е на четвртата позиција, а во 2020 година одигра само пет меча во кои забележа пет победи. Досега има освоено рекордни 20 гренслем титули, а последен пат се радуваше на толку вреден трофеј на Отвореното првенство на Австралија во 2018 година.

- Оглас -

Најнови вести