Де Хеа: Му се извинувам на Шмајхел што му го урнав рекордот

Голманот на Манчестер јунајтед, Давид де Хеа, на синоќешниот натпревар против Астон вила постави клупски рекорд по бројот на настапи во дресот за еден странски голман. Де Хеа го имаше својот 399-ти настап на голот на Црвените ѓаволи и го надмина славниот Данец Петер Шмајхел, кој 398 пати бранеше за Јунајтед.

Де Хеа, кој има 29 години, во 2011 дојде во Манчестер од Атлетико Мадрид, рече дека му се извинува на Шмајхел.

„Жалам за Шмајхел, но ова значи дека јас сум тука долго време и дека сум бранел добро. Горд сум на достигнувањето, среќен сум што имам толку настапи за овој клуб. Се надевам дека пред мене се уште 400 натпревари“, изјави Де Хеа, кој како голман на Манчестер има примено 409 гола, а 141 меч ги заврши без примен погодок.

Шпанецот стана најдолготраен странски голман во историјата на клубот, но многу е далеку од клупскиот рекорд по бројот на настапи на еден играч или странец. Велшанецот Рајан Гигс имаше дури 963 меча во дресот на Манчестер јунајтед и тој рекорд е тешко достижен.

- Оглас -

Најнови вести