Аталанта пред две години го ангажираше Робин Госенс за само 900.000 евра од редовите на холандскиот прволигаш Хераклес. Во периодот досега Госенс прерасна во врвен лев бек кој често знае да ја затресе мрежата, оваа сезона веќе брои девет гола и осум асистенции во Калчото.
Неговите настапи не останаа незабележани од европските гиганти, но и од селекторот на Германија, Јоаким Лев. Да не се случеше принудната пауза поради корона-вирусот, Госенс ќе заработеше повик во селекцијата на Панцерите и ќе чекаше деби на 26 години. За тоа ќе почека уште малку, но во меѓувреме може да оствари голем трансфер.
Имено, Челзи застана прв во редот за потписот на германскиот бек на Божицата, за кого се подготвени да издвојат до 30 милиони евра. Ситуацијата будно ја следат Интер и Јувентус, но Сините се сериозни во намерата да создадат германска колонија во своите редови. Госенс е алтернативата на Лампард за левата бековска позиција по неуспешниот обид да го доведе Бен Чилвел од Лестер.
Рудигер е дел од Челзи од 2018 година, трансферот на Тимо Вернер е комплетиран, додека Челзи во меѓувреме се обидува да го договори и младиот Кај Хаверц, а Госенс би бил четврти играч од Германија доколку се одлучи на преселба на „Стемфорд бриџ“.
Како и да е, Аталанта ќе си ја наполни касата со евентуална продажба на играчот за кого не потрошија ниту еден милион евра.