Испадна во трета лига, а не толку одамна Барселона и Реал се плашеа од овој тим, додека на Милан му нанесе еден од најтешките порази во ЛШ

Некогашниот шпански првак Депортиво Ла Коруња од следната сезона ќе игра во Сегунда Б, односно третата фудбалска лига. Ова стана јасно иако Ла Коруња синоќа не го одигра својот меч од последното коло во Сегунда.

Ла Коруња требаше да го пречека тимот на Фуенлабрада, но поради тоа што кај гостите има неколку играчи заразени од коронавирусот, мечот не се одигра. И да играше и да победеше, за Ла Коруња немаше да има спас затоа што резултатите во последното коло не беа во нејзина корист.

ДВАТА ШПАНСКИ ГИГАНТИ БЕА НЕМОЌНИ ВО ПОХОДОТ НА РОЈ МАКАЈ, ПАУЛЕТА, СИЛВА И ОСТАНАТИТЕ

Вртоглав е падот на Ла Коруња. Не толку одамна од овој клуб се плашеа и најголемите гиганти Реал Мадрид и Барселона. Точно пред 20 години Ла Коруња стана шампион на Шпанија. Со Рој Макај и Паулета во нападот, Бразилците Мауро Силва и Џалмиња и легендарниот Фран во средниот ред, како и Мароканецот Нуредин Најбет во одбраната, Ла Кориња имаше шампионски тим кој на крајот заврши со 69 бодови, пет повеќе од второпласираната Барселона, додека Реал Мадрид заврши на петтото место на табелата во таа сезона.

МАГИЧНАТА НОЌ ПРОТИВ МИЛАН, А ПОТОА НЕМОЌТА ДА СЕ ПРОБИЕ БУНКЕРОТ НА МУРИЊО

Освен шампионскта титула, Ла Коруња две сезони подоцна го освои и Купот на Шпанија, а беше и стандарден учесник во европските натпреварувања. За памтење е сезоната 2003/04, кога Ла Коруња играше во Лигата на шампионите. Откако ја помина групната фаза, во осминафиналето Ла Коруња на двапати со по 1:0 го елиминираше Јувентус. Потоа дојде легендарниот двомеч со Милан.

Росонерите со Кака, Шевченко, Пирло, Малдини, Неста, Кафу, Сидорф и останатите ѕвезди на првиот меч на „Сан Сиро“ победија со 4:1 и делуваше дека ќе бидат полуфиналисти. Сепак, Ла Кориња не само што не се предаде туку и во реваншот победи со неверојатни 4:0, со головите на хероите Пандијани, Валерон, Молина и Санчез. Во полуфиналето Ла Коруња не можеше да го пробие „ѕидот“ на Порто поставен од Жозе Мурињо, па Португалците по двата меча победија само со 1:0, и тоа со гол даден од пенал.

ЗАВРШИ ПО ИСТОРИСКО ЛОШИТЕ СТАПКИ НА БЕТИС

Тоа беа лескави години за Ла Коруња, но кога се расформира славната генерација, тимот почна да паѓа со игрите и со резултатите. Во 2011 година испадна од Примера, потоа испаѓаа и се враќаа, а во 2018 година тимот доживеа дебакл. Таа сезона Ла Коруња освои само 29 бода и со 14 помалку од најблискиот ривал Леганес немаше како да се спаси и испадна во Сегунда дивисион. Во првата сезона од втората лига заврши на шестото место, разигруваше за враќање во Примера, но загуби од Мајорка.

Сезонава беше очајна за Ла Коруња и само со 11 победи во 41 меч не успеа да избегне нов неуспех, па само за три години двапати испадна од лига и сега ќе биде дел од третата лига во шпанскиот фудбал. Едноставно, завршена е приказната за еден успешен клуб и ќе треба многу време за повторно Ла Коруња да ги достигне височините од пред две децении.

Интересно е што Ла Коруња не е првиот шпански првак кој подоцна испаднал во трета лига. Бетис беше шампион во 1935 година, а во 1947 клубот испадна во третата лига и со тоа стана прв шпански првак кој заиграл во третото по ранг натпреварувње. Сега тие неславни стапки ги следи и Ла Коруња.

- Оглас -

Најнови вести