Мурињо се сили: Манчестер никогаш не се предава

Манчестер јунајтед ќе гостува кај градскиот ривал Сити во дербито на колото во англиската Премиер лига. Дуелот се игра в недела, а Сити, кој е лидер во првенството, ја има улогата и на домаќин. Во досегашниот дел од сезоната, „граѓаните“ немаат ниту еден пораз во 11 меча, но тоа не ги плаши „црвените ѓаволи“.

Оптимизмот кај Манчестер јунајтед нагло се зголеми откако најтрофејниот англиски клуб успеа да го победи Јувентус во Торино, во меч од Лигата на шампионите. Тренерот на Манчестер јунајтед, Жозе Мурињо, вели дека неговиот тим никогаш не се предава.

„Ние сме тим кој не се предава и секогаш бараме начин како да стигнеме до победата. Понекогаш успеваме да го анулираме негативниот резултат, понекогаш не. Но, најважно е што овој тим има колективен дух кој не се предава. Кога бевме домаќини против Јувентус, игравме без Санчес и Фелаини и затоа загубивме, но во Торино имавме повеќе опции во составот. Кога е така, тогаш сме во ситуација да освоиме бодови“, објасни Мурињо.

Португалскиот стратег најави дека Јунајтед нема да се предаде ниту на следниот дуел против градскиот ривал Сити.

„Мечот против Сити е посебен. Тоа е дерби кое го посакуваат фановите. Ќе се обидеме да извлечеме добар резултат. Одигравме два тешки дуела на гости против Челзи и Јувентус и успеавме да освоиме бодови. Сепак, не треба да заборавиме колку силен тим е Сити. Ако одиграме реми, разликата ќе остане 9 бодови, а ако загубиме, ќе биде дури 12, но тоа не е начинот на кој ние гледаме во пресрет на овој дуел“, додаде Мурињо.

Интересно е што Јунајтед минатата сезона победи на гости кај Сити со 3-2, а сега „црвените ѓаволи“ сигурно ќе сакаат слично сценарио.

 

- Оглас -

Најнови вести