Депортиво Ла Коруња со 2:1 славеше против Фуенлабрада во последниот меч од последното коло на шпанската втора лига. Ова е резултат кој можеби на крајот беше најболен и за двете екипи. И пред одигрување на овој дуел, јасно беше дела Ла Коруња ќе испадне во трета лига, но гостите се бореа за место кое води за разигрување во Примера.
Фуенлабрада водеше со погодокот по само 11 минути игра и тоа беше резултат кој ги води гостите во разигрувањето. Ла Коруња која беше испадната, реши да се бори до последниот момент и на крајот се случи драма. Домаќините најпрво израмнија со погодок во 84 минута, а се играше петата минута од судиското надополнување, кога беше досуден пенал за Ла Коруња.
Некогашниот шпански првак и полуфиналист во Лигата на шампиони стигна до победа од 2:1, а со тоа и до 51 бодови, колку што има Понферадина. Сепак, Понферадина се спаси поради подобрата гол разлика, а Ла Коруња потона во третата шпанска лига.
Фуенлабрада со поразот ги загуби шансите да игра во плејофот, па на крајот од мечот сите фудбалери кои беа на теренот си заминаа разочарани, а дел од домашните играчи дури и плачеа поради фактот дека во новата сезона ќе бидат во понизок ранг.
Овој меч требаше да се игра на 20 јули, но беше одложен, откако повеќе фудбалери на гостите беа заразени со Коронавирусот.