Веста за смртта на силниот кошаркар Мајкл Оџо кој имаше 27 години, висок беше 216 сантиметри и носеше патики број 56, го потресе кошаркарскиот свет, особено во Србија, каде што тој играше во претходните сезони, најпрвин за ФМП, потоа и за Црвена ѕвезда. Џинот со големо и меко срце, беше омилен и кај ривалите, и затоа смртта ги потресе сите.
Причината за смртта се претпоставува дека е откажување на срцето, а според кардиологот Синиша Павловиќ од Клиничкиот центар во Белград, спортистите кои ја преболеле короната, не би требало да се изложуваат на преголеми физички напори во следните неколку месеци. Според Павловиќ, коронавирусот го напаѓа и срцевиот мускул, што се покажа кобно во случајот со американскиот Нигериец.
„На човечкиот организам му треба доста време да закрепне, бидејќи коронавирусот ги напаѓа и страничните срцеви мускули. Оџо направил катастрофална грешка. Според истражувањата, човек после коронавирус, барем три до шест месеци не смее да се занимава со спорт“ – изјави доктор Павловиќ.