Вардар загуби со 0:1 од Борец, во првиот меч од новото, 29-то фудбалско првенство на Македонија. Најтрофејниот македонски фудбалски колектив играше на свој терен, но поразот како да беше очекуван. Во летниот преоден рок од Вардар си заминаа неколку главни играчи, во таборот на Црвено-црните лебди неизвесноста што ќе се случува со иднината на клубот, а тоа го искористи Борец.
Велешани кои минатата сезона беа на претпоследната девета позиција до прекинот поради Коронавирусот, сосема заслужено се радуваа на победа во Скопје, за нив прва во клупската историја на теренот на Вардар. Никола Радовиќ уште во втората минута погоди по асистенција на Бразилецот Фернардо.
Гостите имаа уште неколку шанси за зголемување на предноста, но на крајот се покажа дека погодокот по само 67 секунди од стартот на мечот беше клучен за трите бода да заминат во Велес.