Петер Бош имаше сили и да се пошегува по поразот и елиминацијата на Баер Леверкузен во четвртфиналето на Лигата на Европа и понуди интересен одговор на прашањето дали Кај Хаверц го одигра последниот меч за Фармацевтите.
„Да, сега можам да ви кажам ексклузивна информација дека Каи ќе игра во холандскиот Хераклес“ одговори Холанѓанецот, кој е тренер на Баер Леверкузен.
Секако се очекуваше поинаков одговор, бидејќи се најавува заминување на Хаверц во Челзи, како еден од најголемите трансфери ова лето, но сè уште нема договор меѓу двата клуба.
Баер загуби од Интер во Дизелдорф со 1:2 и е елиминиран во четвртфиналето во Лигата на Европа, со што и официјално сезоната 2019/20 заврши за Фармацевтите.
Клубот од Леверкузен повторно и во идниот циклус на натпревари во еврокуповите ќе игра во Лигата на Европа, бидејќи заврши како петтопласиран во Бундеслигата, со два бода помалку од Борусија Менхенгладбах, последниот германски клуб што извади билет за настап во Лигата на шампионите.