Легендата на Валенсија, Сантијаго Канизарес покрена иницијатива за смена на раководството на Валенсија и ги повика навивачите на масовни протести.
Родениот мадриѓанец бранеше за популарните Лилјаци од 1998 до 2008 во ерата на најголемите успеси на Валенсија, кога клубот играше две финалиња во Лигата на шампионите, но ги загуби од Реал Мадрид и од Баерн.
Сопственикот на клубот, Петер Лим е еден од најбогатите луѓе во Азија, но отако пристигна во Валенсија, нема значителен напредок.
Напротив, клубот го губи препознатливиот сјај и сè поретко игра во Лигата на шампионите и заостанува и зад клубовите и во шпанското првенство.
Валенсија следната сезона нема да игра во европските купови, што е неуспех за шесткратниот шпански првак и петтопласирана екипа на вечната листа според бројот на титули во земјата.
„Мораме да го спречиме неодговорното владеење на оваа структура во Валенсија. Клуб што има огромен рејтинг и во Шпанија и во Европа не смее да помисли да не настапи во еврокуповите. Секогаш сме имале одлични играчи, но од продажбата што не застана нема никаков ефект. Валенсија постојано живурка со финансиски проблеми и повторно ги продаваат најдобрите играчи. Сега си заминаа Парехо, Торес и Коклан, можно е да има уште играчи што ќе си одат, па бродот сè повеќе тоне. Мораме да реагираме. Ги повикувам навивачите да реагираат и да не дозволат кризата да продолжи“, вели Канизарес.
Поранешниот шпански репрезентативец е вистинска легенда на Валенсија и е влијателен и кај навивачите, па се очекува неговата иницијатива да го разбуди раководството, или дури и да доведе до смена на Лим и на неговите соработници.