Во ПСЖ кој се врати, порака за европска титула испрати

Пари Сен Жермен имаше моќни оружја во играчите кои се враќаа на теренот по повреда или суспензија поради жолти картони, а клуч на успехот во четвртфиналето против Аталанта и вечерва во полуфиналето со Лајпциг беа токму двајца такви фудбалери, Килијан Мбапе и Анхел ди Марија.

Мбапе иако беше повреден, влезе во игра во 60-тата минута против Аталанта при негатива на ПСЖ од 0:1 и беше најзаслужен за пресвртот во драматичен финиш за победа од 2:1.

Еден од најдобрите и најбрзите играчи на светот му ја донесе потребната свежина и квалитет на фаворитот во офанзивата, а беше асистент за победничкиот гол што го постигна Чупо Мотинг во 93-тата минута.

Вечерва со две асистенции и гол блескаше Анхел ди Марија во вистинското демолирање на Лајпциг. ПСЖ победи убедливо со 3:0, а Аргентинецот имаше камбек на теренот на Спортинг во Лисабон откако не играше за Светците против Аталанта поради суспензија со жолти картони.

Ди Марија му асистираше на Маркињос за водечки гол во 13-тата минута, потоа и самиот се запиша во листата на стрелците во 42-рата минута, а нов мајсторски центаршут испрати до Бернат во 56-тата минута за конечни 3:0 и пат во финалето во ЛШ.

Пари Сен Жермен ќе игра во првото клупско финале во еден од двата европски купа што преживеаја и се играат, а тоа се Лигата на шамионите и Лигата на Европа, откако ги освои Купот на победници на куповите и Интертото купот, кои веќе не постојат.

Противник во мечот за европската круна на 23 август на „Луж“ во Лисабон ќе им биде подобриот од утрешниот полуфинале меч меѓу Баерн и Лион.

 

- Оглас -

Најнови вести