Сè што треба да знаете за манчестерското дерби

Пресметката на Манчестер сити и Манчестер јунајтед е интересна по многу параметри, а ви помагаме при обложувањето со многу статистички податоци кои треба да се земат во предвид.

КОЈ НЕМА ДА ИГРА?

Во тимот на Сити се враќа Агуеро кој не играше во ЛШ против Шахтар, а ќе ги нема Де Брајне, Мангала и голманот Браво кои се повредени. На клупа ќе остане Габриел Жезус кој даде три гола против Украинците. Добра вест за Јунајтед е враќањето на Лукаку кој пропушти два премиерлигашки меча, како и на капитенот Валенсија. Во петокот не тренираше Погба, но тој ќе биде во составот на гостите.

ШТО КАЖАА ТРЕНЕРИТЕ?

Според Гвардиола, ако Јунајтед можеше да слави во Торино, значи дека е силен тим со голема самодоверба. Гвардиола потсети дека и традицијата е на страната на противникот и неговиот тим нема да има улога на којзнае колку голем фаворит. Сити ќе има контрола на топката, но ќе му треба и ефикасност.

Од друга страна, на Мурињо за кого ова е 300-ти меч во Премиер, не му се допаѓа што често први примаат гол, и вели дека ќе дојде меч кога нема да можат да направат пресврт и затоа побара концентрација во сите 90 минути. Португалецот смета дека формата на тимот е во нагорна линија, но треба да тргнат силно ик компактно уште од првата минута.

Гвардиола против Мурињо има 9 победи, 5 порази и 7 ремија.

ТРАДИЦИЈАТА ГИ ФАВОРИЗИРА ГОСТИТЕ

Во минатата сезона Сити на убедлив начин дојде до титулата, но на 24 април, дома загуби од ривалот кога прими три гола во второто полувреме. Всушност „граѓаните“ цели четири години не знаат за триумф над Јунајтед на својот стадион, а на два од последните три меча, не успеаја да дадат гол.

Од тој пораз наваму, Сити дома добра 25 од можните 27 бода, даде 32, прими само четири гола, но дерби си е дерби. Сепак, Гвардиола како домаќин никогаш не загубил двапати по ред од еден ист тим.

ЈУНАЈТЕД СЕЗОНАВА САМО ЕДНАШ НЕ ПРИМИ ГОЛ

Манчестер јунајтед прими 18 гола на 11 меча и само еднаш ја зачува мрежата. Ако прими два гола, ќе го изедначи негативниот клупски рекорд од 20 гола на првите 12 средби. Затоа надежите им се кај напаѓачите, во прв ред Марсијал, кој може да стане седмиот во историјата на клубот со голови на пет меча по ред.

Сити има девет бода повеќе и не знае за пораз сезонава, па важи за фаворит на хартија. Но, со непредвидливиот Јунајтед никогаш не се знае.

 

- Оглас -

Најнови вести