Лионел Меси и Кристијано Роналдо од 2021 година ќе играат заедно во Пари Сен Жермен, а тренер ќе им биде Пеп Гвардиола. Ова лудо сценарио го најавува некогашниот фудбалер на ПСЖ, Фабрис Панкрат.
Панкрат кој играше за ПСЖ од 2004 до 2009 година, верува дека клубот има мастерплан со кој Меси летово ќе се пресели во Париз, а следното лето му се приклучуваат Гвардиола и Роналдо.
„Манчестер е грд, сив, врне постојано. Има многу работи кои ме тераат да кажам дека Меси ќе дојде во Париз. А, Роналдо ќе му се приклучи во 2021, исто и Гвардиола. Мислам дека Пеп и Меси разговарале за ова и се договориле Меси да оди во ПСЖ, по што за една година таму би дошол и Гвардиола. Слоганот на ПСЖ е да сонуваме големи нешта, со ваков расплет би имало смисол. Би биле прв тим во светот со вонземјани како Роналдо, Меси, Нејмар и Мбапе, сите заедно, со лудница од тренер на клупата. Би биле дрим-тим“ – изјави Панкрат.
Ова изгледа како научна фантастика, Меси треба да најде начин како да си замине од Барселона, а и според сите досегашни најави, негова следна дестинација ќе биде богатиот премиерлигаш Манчестер сити со Гвардиола на клупата, а не ПСЖ, иако и Светците имаат свои адути како неговите пријатели Нејмар и Ди Марија. Плус тоа, во блескавиот Париз за разлика од Манчестер има доста Аргентинци, аргентински ресторани, секојдневни авионски летови до Буенос Аирес…