Сè уште актуелниот европски првак Вардар тргна на пат кон Задар, каде што ќе ја брани титулата во СЕХА-лигата. Во рекордното деветто појавување на фајнлфор завршниот турнир, Црвено-црните ќе атакуваат на шести пехар во регионалното натпреварување, а прва пречка е тимот на ППД Загреб.
Полуфиналната пресметка против хрватскиот состав е закажанa за 4 септември, со почеток во 20.45 часот, а Иван Чупиќ, еден од клучните играчи на Вардар, смета дека и овој Ф4 турнир ќе биде тежок како и претходните.
„Секој фанјлфор турнир е тежок. Редовно новинарите ги нагласуваат фаворитите и прават калкулации, но јас секогаш стојам на моето мислење. Секоја од екипите има по 25 отсто шанси да ја освои титулата бидејќи се играат по еден полуфинален и финален меч. Како противници сите добро се познаваме и ваквите натпревари се одлучуваат со една добра одбрана или еден успешен напад. По пандемијата со корона-вирусот, многу потешко се воспоставува натпреварувачка форма, така што не треба да се очекува ракомет убав за око. И во двата меча ќе одлучуваат нијанси, а иако ние сме нова екипа, сметам дека сме добро подготвени за овој предизвик. Се подготвивме за Загреб, кој исто така поседува млад тим со доста нови играчи, но секако не загубија на квалитет. И тие сакаат да играат во финалето исто како ние, имаме еднакви шанси да се пласираме во финалето“, истакна Чупиќ.