Македонската репрезентација за фудбалери до 21 година вечерва од 18.45 часот на националната арена „Тодор Проески“ во Скопје има тежок дуел против Шпанија, а според квотите во Sport Life, гостите се огромни фаворити, квотите за победа на Црвената фурија се мали.
Избраниците на Боби Милевски сигурно нема да истрчаат со бело знаме и ќе има што да покажат против гостите кои се ослабени, но сепак во своите редови имаат двајца талентирани фудбалери на Барселона, од кои едниот вреди многу и затоа клубот не ни помислува да го продаде.
Станува збор за Рики Пуиг, кој во финишот на сезонава честопати беше стартер покрај Лионел Меси и дружината. Пуиг е најголемата шпанска ѕвезда која ќе се појави во младата репрезентација на Шпанија, а кандидат за настап е и уште еден познат играч, Карлес Алења, кој исто така е член на Барселона, а играше како позајмен за Бетис.
За наша среќа, нема да играат Ансу Фати од Барса, Феран Торес, кој премина во Манчестер сити, и Ерик Гарсија, кој веќе е таму. Тие се повикани да играат за сениорската репрезентација на Шпанија, како и ѕвездата Дани Олмо од Лајпциг, кој исто така има право на настап за младата селекција иако има 22 години.