Дибиров и Георгиевски едногласни: Слабиот старт на Вардар не треба да значи дека сезоната ќе биде лоша

Актуелниот европски првак Вардар е во Задар, каде што се подготвува за фајнлфор-турнирот во СЕХА-лигата. Црвено-црните се бранители на тронот, а и рекордери со пет трофеи во ова регионално натпреварување. Утревечер Вардар за противник ќе го има добро познатиот ривал Загреб.

Еден од најискусните во вардаровиот тим, Тимур Дибиров, вели дека ова е старт на сезоната и дека полека тимот мора да се вклопи затоа што е многу тешко веднаш да се очекуваат резултати, ако се дојдени 10-тина нови играчи.

„Секој фајнлфор е различен. За нас сега ситуацијата е малку поинаква. Знаеме дека јавноста и сите од нас очекуваат подобра игра од резултатите остварени во подготвителните мечеви. Сепак, многу значи кога има 10 нови играчи во екипата. Уште не функционираме како што треба, тоа е тешко. На Раул му требаше четири години да направи тим за европска титула. Потоа системот беше среден и беше многу полесно. Сега почнуваме од нула. Кога ќе се промени целиот тим, почнуваш од нула. Треба да се носиме со тој притисок. Ова е тежок период кој мора да го поминеме, атмосферата во тимот е одлична, играчите си даваат поддршка. Загреб е во слична ситуација како нас. Променија тренер, многу нови играчи. Тоа е тим со реноме, но треба да бараат игра. Слична ситуација како нас. Еден меч е и сè може да се случи. Две екипи кои го бараат своето лице, ќе видиме кој прв стигнал“, вели Дибиров, еден од ретките што може да се пофали дека е во тимот повеќе од 5-6 години.

Репрезентативецот Гоце Георгиевски е еден од новите играчи во Вардар, кој треба да биде ударна сила по крилните позиции.

„Реално ние сме нова екипа. За кратко време пристигнаа многу нови играчи. Навистина е тешко да се вклопиме во новата сезона. Важно е тимот да игра што покомпактно, ни треба време, како што одминува времето, повеќе се запознаваме. Против Нексе имавме среќа. Загреб е добро познат противник, секоја година играат по неколку пати. Имаат млада екипа. Очекувам борба, нема публика, нема домашен гостински терен, неутрален терен. Неизвесен меч, во кој на крај Вардар ќе се пласира во финале. Нашиот слаб старт не мора ништо да значи долга е сезоната. Поребно е време да се наместат сите коцки, да се усклади тимот и да се стигне до посакуваните резултати“, вели Георгиевски.

 

- Оглас -

Најнови вести